Еднократна парична помош

Еднократна парична помош

Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или семејство кое се нашле во положба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа. Под помош во натура, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 15.000 денари за потребите на членот на семејството кое е лице со пречки во менталниот развој или лице со трајна телесна попреченост, кое согласно со овој закон би можело да оствари право на сместување во установа за социјална заштита.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 12.000 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик во случај на подолго лекување во здравствена установа.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 4.500 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик кој не остава трајни последици, а е неопходно социјално и материјално обезбедување на лицето.

Износот на еднократната парична помош изнесува 180.000 денари за дете или младинец без родители и без родителска грижа, кој по наполнување на 18-годишна возраст ја напушта установата или згрижувачкото семејство, заради негово адаптирање во социјалната средина.

Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа, а во итни и неодложни случаи министерот може да донесе решение за доделување еднократна парична помош.

Постапка

Барањето за остварување на право на еднократна парична помош се доставува до месно надлежниот центар за социјална работа.

Подносителот на барање за остварување на правото на еднократна парична помош, доколку користи право од социјална заштита, заради претрпена природна непогода, пожар, поплава, земјотрес, како и осудено лице по отпуштање од установата за извршување на казна, доставува лична карта или друга лична исправа само на увид за утврдување на адресата на живеење.

Потребна документација за остварување на правото на еднократна парична помош заради добивање на помош, доколку подносителот на барањето не користи право од социјална заштита, за него и членовите на семејството е:

  1. важечка лична карта за државјани на Република Македонија, дозвола за постојан престој на странец, лична карта за признат бегалец или лична карта за лице под супсидијарна заштита, се доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството, или поднесено барање за признавање право на азил
  2. извод од матична книга на родените
  3. извод од матична книга на венчаните, доколку има склучено брачна заедница
  4. извод од матична книга на умрените, за починат член на семејството
  5. потврда за примена нето плата во последните три месеци пред поднесување на барањето
  6. чек од последна пензија, за пензионери
  7. потврда од Агенција за вработување на Република Македонија, за невработени членови во семејството
  8. уверение за пријавени или остварени нето приходи од Управата за јавни приходи

Писмената согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на еднократна парична помош се дава на образец – Изјава

Со барањето за остварување на еднократна парична помош, за утврдување на социјалниот ризик се приложуваат и:

  1. записник од надлежен орган за претрпена природна непогода, (пожар, поплава, земјотрес)
  2. медицинска документација за подолготрајно лекување во странство и потреба од медицинска интервенција за член на семејството (конзилијарно мислење од соодветна клиника за потребата од лекување во странство и решение од Фондот за здравствено осигурување за утврдена партиципација)
  3. договор за земјоделско земјиште на плодоуживање во сопственост на Република Македонија
  4. медицинска документација за подолго лекување во здравствена установа (од матичен лекар, лекар-специјалист или отпусна листа)
  5. решение од надлежен центар за социјална работа за видот и степенот на попреченост во менталниот и телесниот развој
  6. решение за престанок на сместување во јавна установа за згрижување на деца без родители или родитеска грижа, односно згрижувачко семејство
  7. известување за потребата од помош за осудено лице по отпуштање од установата за извршување на казната, како и од донесено решение на судијата за извршување на санкции

Other Posts

Новости

Пиши ни

Sending your message...