Здружението на граѓани за ретки болести ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ Битола заедно со НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација и М-р Ивана Хаџиванова Психолог, Психотерапевт од Скопје, организира еднодневна обука за психолози и психотерапевти на тема ,,Менталното здравје – витално во холистичкиот третман на лицата со ретки болести и нивните семејства’’ на 23 ноември, сабота, од 10.00 до 16.00 часот, во хотел Солун, Скопје.
Со оваа обука, во склоп на Линијата за помош за ретки болести, финансирана од грантот што минатата година како здружение го добивме од страна на Фондацијата Трајче Мукаетов ја прошируваме поддршката која ја даваме на лицата со ретки болести и нивните семејства. За да продолжиме со работа ни помогна и финасиите собрани преку акцијата на планинарите Миленка Шаровиќ, Христофор Саракинов и Васко Ристевски. Секој што сака да донира дополнително е добредојден. Планинарите ќе продолжат да се искачуваат и во 2020 со знаме на кое ќе бидат сите донатори од 2019.
Поради добрите резултати, продолжуваме со давање на бесплатна психолошка помош за лицата со ретки болести и нивните семејства и истата ја прошируваме во други градови во Република Северна Македонија. Листата на психолози и градови во кои работат ќе ја објавиме наскоро на нашата веб страна www.challenges.mk, и на социјалните медиуми. Очекуваме да имаме соработници во Битола, Охрид, Прилеп, Куманово, Неготино, …
Изјава, Весна Алексовска, претседател на ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ:
„Во склоп на Линијата за помош, како посебен дел функционира психолошката помош и поддршка на лица со ретки болести и нивните семејства. Во тек на 2019 година се покажа дека оваа помош е од огромно значење за оваа група на граѓани. Коментарите кои ги добивме од нашите членови беа во насока на тоа дека конечно ја добиле психолошката помош која им била потребна, дека им значи тоа што не одат на клиника туку е надвор од клинички центар во пријатна атмосфера и без страв дека некој ќе ги види, дека оваа помош им дала насоки како да надминат пречки и предизвици со кои се соочуват и уште многу други коментари.
Среќна сум што добивме можност на ваков начин да им дадеме поддршка на семејствата со ретки болести. Наскоро заедно со здружението ЖИВОТ од Србија ќе објавиме и веб страна со информации за ретки болести на македонски и српски јазик. Правиме мал допринос во подобрување на животот на ретките семејства затоа што заслужуваат многу повеќе.“
Изјава, Ивана Хаџиванова, НЕОКОРТЕКС:
„Многу сум благодарна и горда за досегашната моја работа со лицата со ретки болести и нивните семејства, која прoизлезе од соработката со Здружението „Живот со предизвици’’. Од позитивните резултати од истата, се создаде потребата и желбата да го споделам и пренесам моето професионално искуство и знаење, како и спецификите во психо-тераписката работа со овие лица и нивните семејства.
Превенцијата и третманот за одржување на менталното здравје, е витално парче од сложувалката за холистичка нега, за лицата кои живеат со ретка болест и нивните семејства. Оваа итна потреба, допринесе обуката да има многу важна цел, а тоа е да се прошири мрежата на психолози, психотерапевти и професионалци од областа на менталното здравје низ целата држава, кои ќе нудат психолошка помош и поддршка за лицата кои се соочуваат со животни предизвици како што се ретките болести.“