info@challenges.mk | 070 705 446

живот со предизвици

Tag Archives

Соопштение за Медиуми – 28.02.2013 – Ден на Ретки Болести

Соопштение
Ден на ретки болести
28 Февруари, 2013

Здружението на граѓани за ретки болести “Живот со Предизвици” го одбележа 28ми февруари, Светскиот Ден на Ретки Болести, со што воедно го означи и почетокот на кампањата за подигнување на јавната свест за ретки болести во Македонија.

Годинава, освен заболени од Гоше, Фенилкетонуриа и Алажил синдром, кон Здружението се приклучија и пациенти со Хередитарен ангиодем, Морбус леи, Епидермалисис булоса, Конгенитална катаракта и други.

Претседателот за Здружението, Весна Стојмирова истакна дека ширум ги отвораат вратите за сите оние кои имаат потреба од помош, за заедно да зачекорат кон посветла иднина и поквалитетен живот.

“Денес сме тука за да ја искажеме поддршката кон семејствата кои се соочуваат со ретки болести и да ја одржиме надежта дека правата на пациентите во делот на соодветен третман ќе бидат исполнети и во Македонија. Засега, состојбата со третман не е многу изменета во однос на минатата година. Двајца пациенти пациенти со Мукополисахаридоза се лекуваат на товар на Министерството за здравство и четворица пациенти со Гоше се лекуваат преку донација од компанијата Гензим, додека еден пациент со Гоше е на клиничка студија, исто така овозможена од страна на Гензим. Во преговорите со Министерството за Зравство успеавме да стигнеме до повторно основање и започнување со работа на Комисијата за ретки болести, на чие чело застана доктор Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести во Скопје и се надеваме дека со работењето на комисијата ќе се зголеми соработката и напорите на министерството за обезбедување третман на пациентите со ретки болести. Исто така, за одредени лекови кои се достапни за други дијагнози од страна на Фонд за здравство, се надеваме дека ќе бидат достапни и за одредени пациенти со ретки болести на кои им е потребна специфична нега бидејќи, се соочуваат со сериозни компликации“, изјави Стојмирова.

На настанот учество зеде и сопругата на амбасадорот на Америка во Македонија, Г-ѓа Мери Џо Волерс, која изрази задоволство што е почесен член на здружението “Живот со предизвици“.

“Доколу работиме заедно, ќе можеме да изнајдеме решенија на проблемите со кои се соочуваат пациентите со ретки болести и нивните семејства. Работата на здружението е многу значајна и соработката помеѓу пациентите, организацијата и владините институции е клучна за да се дојде до долгорочно решение за третман на пациентите“, истакна Ѓ-ѓа Волерс.

За време на настанот, директорот на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова со присутните ја сподели новата вест дека Министерството за здравство ќе овозможи треман за лекување на уште едно дете со ретка болест.

“Со формирањето на оваа комисија решивме да направиме чекор понапред и да се заложиме за продолжување на животот и нормален развој на оние на кои сме им најпотребни. На добар пат сме и ништо не е тешко ако се сака“, рече д-р Софијанова.

Г-ѓа Тања Колин, од Велика Британија, директор на Европската Гоше Алијанса потенцираше дека како мајка на дете кое боледува од ретка болест, има уште посилни мотиви да се бори за рамноправен третман на пациентите во Македонија.

“Иако сме Европска Гоше Алијанса, работиме буквално со целиот свет. Досега направивме многу, а особено последниве години успеавме да го придвижиме напредокот во земјите соседи на Македонија. Подигнувањето на свеста за ретките болести во вашата земја, како и наоѓањето полесен пат до третман за пациентите на кои не им е овозможено тоа, останува наш и мој личен предизвик“, изјави г-ѓа Колин.

Здружението на граѓани за ретки болести, „Живот со Предизвици“, ќе продолжи со кампањата за подигнување на јавната свест за ретките болести во Македонија и со напорите за обезбедување долгорочно решение за третман за пациентите со ретки болести во Македонија.

Голем дел од семејствата кои се соочуваат со ретки болести се приклучија кон одбележувањето на Денот на ретки болести.

*Настанот го поддржаа: Гензим, кои доделија награда за лидерство во борба за правата на пациентите, КОНЦЕПТ маркетинг и односи со јавност Медицинскиот Факултет, Детската Клиника во Скопје, Сити Мол и Пелистерка. Студенти од Факултето за фармација волонтираа при организација на настанот.

 


Новости

Пиши ни

Sending your message...